Косово

Србите на Косово повторно на протест

01.06.2023 14:30

КФОР останува во Звечан, и натаму ги контролира општинските згради на северот од Косово. Вработените не можат да влезат во своите канцеларии, а Србите продолжуваат со протестот…

Србите на Косово повторно на протест. Околу општините распоредени и припадници на КФОР. Локалната самоуправа во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, од вчера е оградена и со бодликава жица. Во меѓувреме, десетици Албанци се собраа во близина на мостот во јужниот дел од Митровица, организирани на социјалните мрежи, под слоганот „Марш на север“. Државниот врв на Србија и Косово на самит во Молдавија, на средби со регионални и светски лидери. ЕУ, САД и НАТО го осудија насилството.

„Проблемот е што, она што е случуваше пред три дена на Косово и Метохија, можевме да го видиме, предвидиме, на крајот го предвидовме и не можевме да го спречиме. Тоа е проблемот. Гледате дека оди во лош правец, а никој не може да го спречи зашто постои тврдоглавост и неодговорност од едната страна“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.

„Притисокот сега треба да оди врз канцеларијата на Вучиќ, во Белград. Таму е тешката дискусија за него, да разбере еднаш, засекогаш, дека Косово е суверена нација, независна нација и дека така ќе биде секогаш. Што поскоро ја прифати реалноста, толку подобра ќе биде иднината на неговата земја“, порача косовската претседателка, Вјоса Османи.

„Мора да продолжиме да инсистираме дека насилството не е начин, тоа мора да биде осудено и извршителите на тоа насилство мора да одговараат. Ќе продолжиме да соработуваме со претседателот Вучиќ и со Косово“, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

Во судирите во претходните денови имаше десетици повредени. Полицијата ги зазеде локалните самоуправи во Звечан, Лепосавич и Зубин Поток, каде што албанските градоначалници почнаа со работа. Нивните мандати не се прифатени од Србите кои ги бојкотираа изборите.

Маја С. Филдишев