Најавена лидерска средба, мали очекувања за договор
Одговорноста за европската иднина на земјата е на сите 120 пратеници, вклучително и на оние од ВМРО-ДПМНЕ, велат Социјалдемократите. Додаваат – следната недела ќе стане јасно дали Мицкоски е дел или не од блокот на Европската унија. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски го повтори ставот – оваа пратеничка група нема да ги подржи уставните измени. За него излез од ќорсокакот се предвремени парламентарни избори...

Лидерската средба најверојатно ќе се одржи следната недела. Без прецизирање на ден, време и место, а само со најава од страна на премиерот Ковачевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски без големи очекувања и конкретни одговори. Тој го повтори познатиот став дека „пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да ги подржи Уставните измени, и дека на средбата треба да се разговара што после тоа.
Според Мицкоски решението за излез од овој ќорсокак се предвремените парламентарни избори. За евентуално коалицирање со ДУИ – Мицкоски дециден „редно е после 20 години власт, ДУИ да помине еден мандат во опозиција“.
Во меѓувреме Социјалдемократскиот сојуз со порака – евроинтеграциите се стратешки приоритет и обврска на сите политички субјекти. Уставните измени се дел од обврските кои треба да се спроведат. Од партијата бараат, лидерот на опозицијата да се изјасни дали е за изолација или за интеграција.
Предлог-иницијативата за промена на Уставот подготвена од работната група за уставни измени е во Министерството за правда, каде се врши проверка и кога ќе биде целосно подготвена ќе биде испратена до Владата, која треба да ја разгледа и усвои и да ја достави до Собранието.
Марина Стојанова Тонева
