Политика

Ковачевски: Членство во ЕУ до 2030-та е наша стратешка цел

01.06.2023 19:24

Европската комисија по летото ќе објави извештај за проширувањето, точката до крајот на годинава ќе ја стави на агендата, најави Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет. Од Кишињев, од самитот на Европската политичка заедница премиерот Димитар Ковачевски порача – членство во ЕУ до 2030-та година е наша стратешка цел, ни претстојат политички одлуки кои ќе ни го отворат патот. Европските лидери со поддршка за земјава…

Наша стратегиска цел е забрзување на евроинтеграцијата и за тоа работиме, изјави премиерот Ковачевски на вториот состанок на Европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија.

Иако проширувањето не беше тема на состанокот, сепак било иницирано од наша и албанска страна. ЕУ лидерите според премиерот Ковачевски со поддршка за земјава бидејќи Македонија е дефинирана како фактор на стабилност.

Ковачевски нагласи дека Европската политичка заедница не е замена за ЕУ, исто како и секторското поврзување со Европската унија. Всушност, тоа ќе значи поголема мобилност и погодности.

Ковачевски останува рационален оптимист по прашањето за прием на земјата во Европската унија. Треба вели тој да се разговара за одлуките кои треба да бидат донесени, а се стратешка цел на државата бидејќи носат подобра иднина за генерациите.

Миле Ристески