Инфраструктура

Започнаа активностите за изградба на коридорот 8

01.06.2023 16:03

На терен започнаа активностите за изградба на коридорот 8. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми истакна дека се работи за нов концепт на градба на патиштата што значи паралелно вршење геомеханички испитувања, проектирање, експропријација и градежни активности. Вицепремиерот Артан Груби изјави дека законите за коридорите 8 и 10-д поврзани со 60 часовна работна недела нема причина да се оспорат пред Уставен суд.

На десетина метри од тетовската патарина долж автопатот Тетово-Гостивар, започнаа геомеханички испитувања на земјата, врз основа на кои ќе се проектираат фазите за изградба на дел од коридорот 8.

Очекувањата се дека градежните активности ќе започнат во текот на летото, но паралелно ќе се одвиваат испитувањата, проектирањата и експропријацијата, на останатиот дел од делницата. Сите машини и работници, кои денес излегоа на терен за да почнат со градба на дел од коридорот 8 се македонски, потврди Ејуп Рустеми, директор на Јавното претпријатие за патишта. Се очекува проектот да заврши за 4 години и 7 месеци.

Како и претходно во Прилеп, паралелно се работат геомеханички истражувања, се проектира трасата, вадиме елаборати за експропријација и онаму каде што е чиста ситуацијата, ќе почне и експропријацијата. Нашата цел е да ни се повтори речиси десетгодишната голгота и сè уште незавршениот пат Кичево-Охрид, поентираше Рустеми.

Целосната верзија на договорот со Бехтел и Енка е доставен само до Јавното обвинителство. Се работи за деловна тајна на компанијата, затоа и јавноста, но и антикорупциска имаат редактирана верзија, посочи вицепремиерот Артан Груби.

Измените на законот за работни односи поврзани со коридорите 8 и 10-д нема причина да се оспорат пред Уставен суд, додаде тој. Секој работник ќе биде платен, а за дополнителните часови ќе треба да даде писмена изјава.

Извршивме консултации со сите релевантни институции, правно законот е осмислен и никаде во него не стои дека работниците ќе работат 60 часа неделно, туку дека ќе имаат дополнителна, прекувремена работа, за која ќе треба да дадат писмена согласност и тоа ќе им биде платено. Апсолутно нема причина законот воопшто и да дојде на дневен ред пред уставните судии, рече Груби.

Земјата од делницата ќе се испитува на секои сто метри, а потоа ќе се врши проектирање, експропријација и градежни активности. По целата траса размерот на државно со приватно земјиште е 55 со 45 отсто, а со новите законски решенија дефинирана е и постапката за експропријација. Долж новата автопатската делница Тетово-Гостивар ќе биде изграден и страничен пат за поврзување на полошките села.

Зоран Димовски