Значително намален бројот на вработени во битолската Клиничка болница
Сериозно притиска проблемот со дефицитот на медицински и друг административно-технички кадар во битолската Клиничка болница. Ќе се борам за поголем бран на нови вработувања и нема да дозволам да се затвори ниту едно одделение, вели в.д. директорката Елизабета Ивановска…

Само со забрзано вработување на поголем број на лекари и друг медицинско-технички персонал, битолската Клиничка болница може да се врати на времињата кога довербата на пациентите беше голема, децидна е новата в.д. директорка.
Ивановска вели, огромен е дефицитот на медицинскиот и другиот помошен кадар. Ако пред една ипол година во 17-те одделенија броевме 930, денес имаме 640 вработени лица. Имајќи ја предвид старосната граница, до крајот на годината би заминале уште над 20 луѓе.
Празнините засега се пополнуваат со ротирање на лекари од соседните општини. Ивановска вели, нема да дозволам затворање на ниту едно одделение во болницата, бидејќи очекува нејзините инсистирања за нови вработувања да бидат одобрени од ресорното министерство.
Ивановска признава дека неодамнешните два немили настани сè уште болат и се чека Обвинителството да излезе со конкретни резултати. Сепак, апелира до пациентите да не се служат со недолични навреди, затоа што тоа го зголемува психолошкиот притисок врз лекарите и медицинскиот персонал.
Стевче Митревски
