Македонија

Отпадот и дивоградбите најголем проблем за Шар Планина

02.06.2023 11:38

Отпадот и дивоградбите рак-рана на Националниот парк Шар Планина. Од установата велат дека проблемите треба да се решаваат во соработка со другите институции, особено во делот на комуналниот смет, оти мештаните од шарпланинските села немаат места каде да го депонираат сметот, ниту пак комуналното претпријатие оди да го собира сметот од овие населени места…

Разновиден комунален отпад низ излетничките места, долж патиштата, диви депонии во атарот на шарпланинските села. Ваква е сликата на Шара подолг период.

Од Националниот парк Шар Планина, велат дека во соработка со планинарските друштва и здруженија, во неколку наврати имаат организирано еколошки акции, но тоа не е доволно. Потребен е механизам за редовно подигање на отпадот од општините, во чија територија спаѓаат и шарпланинските села.

И дивоградбите се рак-рана на Националниот парк. Од установата велат дека досега имаат евидентирано околу 700 објекти на планинското подрачје. Поголем дел од нив се изградени на диво и во тек се подготовки за нивна легализација. Дел од објектите потоа се планира да се пренаменат за туризам.

Од установата, велат дека одредиле и правилник за движење на моторните возила. За таа цел на повеќе локации на Шара, ќе бидат поставени информативни табли.

Зоран Димовски