Македонистите бараат државата да вложува во истражувања и настани за македонскиот јазик
Историјата на македонскиот јазик е исфрлена од новиот учебник за шесто одделение. Македонистите реагираат и за ова, но и за прекинот на натпреварите по македонски јазик. Велат дека во услови на негирање на нашиот јазик, државата треба да посвети внимание и средства за научни истражувања и мотивација на наставниците…

„Јазикот е наша татковина“, вели Блаже Конески, но за да го зачуваме, треба да преземеме конкретни мерки, смета Лидија Иванова, професор на Филолошкиот факултет на УГД. Вели, запрепастена сум од изоставањето на историјата на македонскиот јазик во новата концепција на учебникот за шесто одделение.
Македонскиот јазик е на удар на бугарската и политичка и научна фела. Јазикот ни е на удар и на пречестата употреба на англиски термини. Потребна е силна институционална поддршка за да го зачуваме и негуваме јазикот, додава Иванова.
Опаѓа интересот и за студиско изучување на македонскиот јазик, посебно за наставната насока. Заради тоа Филолошкиот факултет ја укина партиципацијата за прва година.
Научната фела бара повеќе финансии за истражување на дијалектите и афирмација на архаизмите како начин на зачувување на јазикот.
Славица Величковска
