Украина

Нови руски напади, прогласена вонредна опасност

02.06.2023 13:22

Нови руски напади врз Украина. Киев тврди дека собориле 30-тина ракети и беспилотни летала. Конфликтот сè почесто се прелева и преку границата на руска територија. Мировни преговори не се ниту на повидок…

Се интензивираат руските напади врз Украина. Во земјата беше прогласена вонредна состојба по новиот бран удари со ракети и дронови, кои стануваат секојдневие. Киев тврди дека успеале да соборат повеќе од 30 ракети и беспилотни летала. Конфликтот сè почесто се прелева и преку границата на руска територија. Повторно е гранатирина Белгородската област, гранати и во Брјанск.

Претседателот на Украина, Зеленски рече дека неговата влада се подготвува за Самитот на НАТО следниот месец во Вилнус и „прави сè“ за да го унапреди пристапот на Украина во Европската унија.

„Подготвуваме нови одбранбени одлуки за Украина, вклучително и противвоздушна одбрана, авијација и напредување на терен. Подготвуваме вистинска политичка содржина за Самитот на НАТО во Вилнус. Правиме сè за да ја приближиме политичката одлука на ЕУ за членство на Украина. Подготвуваме мировен самит заснован на украинската мировна формула“, нагласи Зеленски.

За унгарскиот министер за надворешни, Сијарто дозволувањето на земја во војна да се приклучи на НАТО не треба да биде на дневен ред на претстојниот самит.

„Сите се загрижени за идното членство на Украина во НАТО. Но, по ова прашање, мора да бидеме јасни. Приемот на земја во војна во НАТО не треба да биде на дневен ред. Мислам дека има консензус за ова зад затворени врати“, рече Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија.

Финскиот претседател Ниинисто, по средбата со бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва рече дека мирот во Украина во моментот не е на повидок.

„Целосно се согласивме дека инвазијата е нелегална. Моето чувство е дека секој обид за мир е вреден, но мислам дека во моментов не е на повидок“, изјави Саули Ниинисто, претседател на Финска.

„Бразил е земја која заедно со други земји се обидува да создаде услови за воспоставување мир, што ќе се случи само кога војната ќе престане“, рече Луис Инасио Лула да Силва, претседател на Бразил.

Мировни преговори не се ниту на повидок. Киев се подготвува за офанзива за враќање на териториите, Москва сè почесто извршува напади врз цели на украинска почва.

Марина Ристова