Идната недела лидерска средба Ковачевски-Мицкоски
Позициите на партиите познати, идната недела лидерска средба Ковачевски-Мицкоски. Социјалдемократите со порака до опозицијата-одговорноста за европската иднина е на сите 120 пратеници, вклучително и на оние од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата на Мицкоски не дава поддршка за уставни измени…

Идната недела ќе се одржи лидерската средба Ковачевски-Мицкоски, потврдуваат од СДСМ. Социјалдемократите бараат поддршка за уставните измени кои се услов за продолжување на европската интеграција. Предупредија дека одговорноста е на сите 120 пратеници, вклучително и на оние од ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ велат оти Мицкоски ќе добие покана за средба и покрај противењето на партијата да поддржи уставни промени.
„После лидерската средба очекувам да се дадат одговори дали Христијан Мицкоски ќе остане во заложништво на Левица и ќе биде дел од антиевропскиот блок заеднички со Левица, или ќе се приклучи на европскиот блок којшто ќе ѝ носи просперитет на државата и секако заеднички ќе го води евроинтеграцискиот процес во државата, односно час поскоро нашата држава до 2030-та да биде дел од Европската унија“, изјави Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
Ставовите на двете страни се познати уште пред одржувањето на состанокот. Премиерот Ковачевски предупреди дека ако не се случат уставните измени, наместо интеграција ќе добиеме изолација и ќе бидеме во иста ситуација како во периодот 2006 – 2016 година.
Мицкоски, пак, бара одговори од власта како понатаму, бидејќи според него, процесот што го отпочна власта нема да биде успешен зашто нивната пратеничка група нема да ги поддржи уставните измени. Според опозицијата, излез од ваквата ситуација би биле предвремени парламентарни избори.
Премиерот Ковачевски, пак, останува на ставот дека изборите треба да се одржат во редовниот термин, а не да се оди на предвремено гласање.
Ирина Гелевска
