Струга

Расте бројот на млади кои се соочуваат со депресија и анксиозност

04.06.2023 09:19

Расте бројот на млади кои се соочуваат со депресија и анксиозност. Интернетот и социјалните мрежи дополнително влијаат на зголемувањето на менталните болести кај адолесцентите, сметаат психолозите. Во ерата на интернет не се поштедени ниту најмладите. Видеоигрите особено оние со насилна содржина го нарушуваат менталното здравје на децата...

Расте бројот на млади, кои се жалат на депресија и анксиозност. Бројките се алармантни, секој трет адолесцент има симптоми на депресија.

Пандемијата пропратена со социјална изолација, несигурност и грижи остави сериозни последици врз здравјето на младите. Интернетот и социјалните мрежи дополнително влијаат на зголемувањето на менталните болести кај адолесцентите, сметаат психолозите.

„Она што се пласира на Фејсбук, на Инстаграм, брза заработувачка различни коуч лајф мотивациски говорници кои што делуваат во насока на брза заработувачка, на едни нереални очекувања, воопшто интернетот дава една искривена слика и тоа кај младите поттикнува една неможност соодветно да се прилагодат во контакт со реалноста, односно да живеат еден измислен свет“, вели Јасмина Јовческа, психолог.

Во ерата на интернет не се поштедени ниту најмладите. Потребно е да се ограничат, видео игрите со насилна содржина, кои го нарушуваат менталното здравје на децата.

„Видеоигрите, кои што се со насилна содржина во секој случај сметам дека треба навистина да се ограничат, затоа што се поакажаа дека се негативен модел на однесување како кај младите првенствено кај младите дечиња. Треба многу повеќе да се читаат едукативни содржини“, вели Јовческа.

Според Светската здравствена организација (СЗО), над 1 милијарда луѓе се соочуваат со проблеми поврзани со менталното здравје, а се проценува дека 1 од 7 деца и млади луѓе ширум светот имаат одредени проблеми со менталната здравствена состојба.

 

Соња Рилковска