Куманово

Зголемен интерес за монтажни куќи и викендици

03.06.2023 09:02

Зголемен е интересот за монтажни куќи и викендици. Растот на цените на недвижностите ги принуди граѓаните да бараат алтернативни начини за изградба на домови. Ваквите објекти станаа популарни по пандемијата. Ги бараат млади брачни парови, но и цели семејства...

Зголемените цени на недвижностите го кренаа интересот за монтажни куќи и викендици. Поради поевтината цена, но и брзото време за изработка и монтажа овие објекти се повеќе стануваат популарни и кај нас. Архитектите посочуваат дека побарувачката значително се зголемила за време на пандемијата. По покачувањето, квадрат ваков монтажен објект, чини околу 400 евра. Објектите велат ги бараат млади брачни парови, цели семејства, но популарни станаа и викендиците, за граѓаните кои бегаат од урбаниот хаос.

„Секакви примери имаме, но најчесто во периферните делови на градовите, каде што има слободни плацеви се градат ваков тип на објекти“,вели Емилиа Занева, дипломиран инженер архитект.

Ваквите градби карактеристични за Канада, САД, и европските земји на Балканот станаа популарни пред извесен период. Но и во земјава биле популарни по земјотресот во Скопје.

„На повеќе делови од градот брзо се изградени еден ваков тип на објекти, монтажни. Дел од нив се подарок од Финска или други земји а и фабриката Треска произведувала материја со која се граделе. Тие брзо се изградиле и брзо се вселиле раселените лица од земјотресот. Тие денес постојат луѓето 70 години живеат во нив“, вели Занева.

Објектите станаа популарни за време на ковид пандемијата. Голем број граѓани за да ги избегнат тогашните мерки, одлучија да купат монтажни куќи или викендици надвор од градовите.

 

 

Елена Георгиевска