Индија

Стотици загинати и повредени во железничката несреќа во Индија

03.06.2023 12:56

Најмалку 280 луѓе загинаа во железничка несреќа во Индија, во која се судрија повеќе возови. Властите велат ова е најсмртоносната железничка несреќа во земјата во овој век и очекуваат трагичниот биланс да расте. Повредени се околу 900 луѓе...

И покрај новите инвестиции и надградби во технологијата на железницата, властите во Индија се обидуваат да сфатат како се случи катастрофалниот судир на три воза. Продолжува потрагата под остатоците во областа Баласоре во сојузната држава Одиша. Регистрирани се стотици загинати и повредени. Властите велат дека ова е најсмртоносната железничка несреќа во веков и очекуваат трагичниот биланс да расте.

„Длабоко сум вознемирен од оваа крајно трагична железничка несреќа. Морам да им се заблагодарам на локалното население, локалните тимови и другите кои работеа преку ноќ за да ги спасат луѓето под урнатините“, изјави Навен Патнаик, главен министер на Одиша.

Според првичните податоци, катастрофата се случила кога експресниот воз што сообраќал од индискиот технолошки центар Бенгалуру до Калкута излетал од шините, паѓајќи на соседната пруга. Неколку минути подоцна, друг воз кој се движел од Калкута удрил во него, а некои од неговите вагони завршиле врз товарен воз паркиран во близина.

„Ова е голема трагична несреќа. Нека почиваат во мир. Комисијата на високо ниво и комесарот за безбедност на железницата ќе спроведат истрага за да ја откриеме причината за несреќата“, изјави Ашвини Ваишнав, министер за железници на Индија.

Индискиот премиер Моди претседаваше со кризниот состанок на којшто биле разгледани деталите за спасување и медицинска помош на погодените.

Индија има една од најголемите светски железнички мрежи и несреќите се вообичаени, и покрај тоа што се инвестираат стотици милиони долари за подобрување на инфраструктурата. Најлошата железничка катастрофа во Индија беше во 1981 година, кога пренатрупаниот патнички воз излета од шините во река за време на циклон во државата Бихар, при што загинаа околу 800 луѓе.

 

 

Маријана Димовска