Обвинителство

Обвинителството извршило увид, несреќата кај Кадрифаково предизвикана од возилото во кое биле загинатите

03.06.2023 13:16

Возачот на шевролетот претекнувал и изгубил контрола. Прво удрил во левата банкина, а потоа се одбил и удрил во автомобилот кој паралелно го претекнувал. Имал и присуство на алкохол во крвта. Обвинителството со детали за сообраќајката кај Кадрифаково, во која загинаа три лица...

Обвинителството откри детали за тешката сообраќајна несреќа на автопатот Штип – Миладиновци со три жртви, меѓу кои и 15 годишно девојче. Судирот се случил откако автомобилот шевролет, со којшто се превезувале пет членови на едно семејство, кои се враќале дома по веселба во Кочани при претекнување изгубил контрола, удрил во банкина, а потоа во тојотата којашто ја претекнувал. Загинале ќерката, сопругата и мајката на сопругата на возачот на автомобилот со скопски таблички.

„Првичното тестирање кај возачот на автомобилот „Шевролет“ покажало присуство на алкохол, но дополнително, со цел да се утврди точниот процент, земени се примероци од крв за анализа. На местото на несреќата беше повикан сообраќаен вештак, а обвинителството ќе издаде наредба за комплетно сообраќајно вештачење. Се обезбедува целокупна медицинска документација за повредените и починатите во несреќата“, велат од ОЈО.

Најтешко повреден е сопатникот во кочанското возило. 29 годишниот маж со тешки телесни повреди беше пренесен од штипската клиничка болница на скопските клиники и се наоѓа во стабилна состојба.

Тројцата кои беа примени во штипската болница се пуштени на домашно лекување.

 

Ана Јосифоска Тодоровска