Тетово

Институциите „неми“ за медиумите, нетранспарентноста отвора можност за манипулации

04.06.2023 12:34

Во поголем дел од сегментите на општественото живеење, најчесто подрачните единици на државните институции се затворени за медиумите, новинарите ја немаат втората страна, па често се откажуваат да пишуваат на одредени теми. Од Здружението на новинари на Македонија, велат дека со нетранспарентни институции се отвора можност за шпекулации и манипулации...

Транспарентноста на поголем дел од државните институции кон медиумите од внатрешноста не е на завидно ниво, констатира Здружението на новинари на Македонија. Проблемот е повеќеслоен.

Дел, немаат доволна свест за важноста на објективното и навременото информирање, проблем се и средствата кои треба да се одвојат за Секторот односи со јавност, но и немањето волја да се биде објективен. Затвореноста на институциите на крајот резултира со шпекулации и манипулации.

Од МВР, една од институциите од која новинарите секојдневно земаат информации, велат дека постојано вложуваат и работаат за подобра комуникација и транспарентност со новинарите.

Но, не секогаш давањето целосна информација за одредено прашање, зависи само од нивното министерство.

Она што радува како што велат од ЗНМ и МВР е зголемената безбедност на медиумските работници, за разлика од пред неколку години, кога имаше чести физички напади врз новинарите.

 

Зоран Димовски