Македонија

Пендаровски: Со уставните измени ќе се издифиренцираат двата блока

04.06.2023 12:15

Уставните измени треба да влезат во собраниска процедура и без да се обезбеди консензус, смета претседателот на државава. Според Пендаровски, преку гласањето ќе се издиференцираат двата блока, кои како што вели, имаат спротивставени визии за Македонија во Европа, а граѓаните треба да ги знаат. Пендаровски признава дека критиките за реформите од САД и ЕУ се понижувачки, но укажува оти и претходно имало поводи за такво нешто ама пораките не беа директни...

Подобро е уставните измени да влезат во собраниска процедура и без претходно да се обезбеди двотретинско мнозинство. Тогаш, јасно ќе може да се издифиренцираат двата блока – оние кои се „за“ членство во ЕУ под условите дефинирани со преговарачката рамка, и оние кои се „против“ и најавуваат дека ќе репреговараат за наводно подобра преговарачка рамка, вели во интервју за Радио Слободна Европа, претседателот Стево Пендаровски.

Пендаровски признава дека е понижувачки да се слушаат критиките кои доаѓаат од САД и ЕУ за реформите, но, потсетува тие претходно направија стратешка грешка и го заборавија Западниот Балкан. По најавите на Фон дер Лајен и Макрон за нови планови за проширувањето, шефот на државата категоричен – не верува во нови форми на асоцирање и членување во ЕУ, бидејќи граѓаните се заморени од нови и нови методи за приклучување кон оваа организација.

Претседателот Пендаровски во интервјуто потврдува дека има нов моментум во процесот на проширување поради војната во Украина, но прашува – што кога војната ќе заврши? Во однос на спорот со Бугарија, Претседателот коментира – и да има руско влијание, тоа не е доминантно во наративот на Софија. Според него, бугарската реторика во изминативе 2-3 години не се разликува од реториката кога бевме дел од Југославија, политичка и историска нарација којашто бугарските влади сукцесивно ја спроведуваат кон нас.

 

 

Мартин Пушевски