Украина

Двегодишно девојче загина, 22 лица повредени во најновиот руски напад на Днепар

04.06.2023 12:43

Не стивнуваат руските напади врз Украина. Двегодишно девојче загина, а 22 лица се повредени, откако руски проектил падна помеѓу две станбени згради во Днепар. Воздушна тревога и во Киев. Градската воена управа соопшти дека биле пресретнати сите цели кои Русија ги лансирала до главниот град...

Нов бран напади врз Украина. Двегодишно девојче загина, а над 20 луѓе се повредени, меѓу кои пет деца, откако руска ракета го погоди Днепар во централниот дел на земјата. Проектилот паднал помеѓу две станбени згради. Делумно уништени се куќи, автомобили и инфраструктура.

Четири од шест ракети и три од пет беспилотни летала Шахед од иранско производство, лансирани од Русија се соборени, објави украинското военото воздухопловство. Експлозии и во Запорожје, активирана воздушната одбрана на Киев. Украинските сили ги гранатираа населбите во Белгород, тврди шефот на регионот. И Москва и Киев негираат дека нивните воени сили целат цивили. Првиот човек на Вагнер повторно распали по руското воено раководство.

„Гувернерот Гладков преку официјални канали објави дека пет жители на регионот Белгород загинале, а уште 16 се повредени. Зошто сите молчат за смртта на овие цивили? Каде е генералот Лапин? Каде е Шојгу? Каде е Герасимов? Каде се нивните објаснувања на рускиот народ дека даваме цивили и дозволуваме нашите територии да се распарчат?“- изјави Евгениј Пригожин, сопственик на „Вагнер“.

Растечките геополитичките тензии и војната во Украина тема и на собирот на највисоките светски претставници на одбраната, во Сингапур.

„По прашањето за Украина, Кина зазеде објективен став. Ја објавивме позицијата на Кина за политичкото решение на украинската криза и испративме специјален претставник на кинеската влада за евроазиските прашања на консултации со релевантните страни“, изјави Генерал Ли Шангфу, министер за одбрана на Кина.

„Руската инвазија на Украина претставува поширок неуспех на глобалниот систем да ја одврати употребата на сила во извршување на стратешките цели. Не смееме да дозволиме ова да стане опасен нов преседан за нашиот регион“, изјави Ричард Марлс, министер за одбрана на Австралија.

Претседателот Зеленски по неодамнешната европска турнеја изјави дека Украинците се подготвени за контранапад, веруваат во успех, но не знае колку ќе трае битката за териториите.

 

 

 

Маријана Димовска