Конференција

„ЕУ со тебе“ ги промовира правата на детето на демократско учество и вклученост

05.06.2023 09:21

Денеска, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во партнерство со Народниот правобранител Насер Зибери и двата проекти за правата на детето финансирани од Европската комисија ќе одржат конференција за промовирање на правата на детето на демократско учество и вклученост...

Денеска, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во партнерство со Народниот правобранител Насер Зибери и двата проекти за правата на детето финансирани од Европската комисија ќе одржат конференција за промовирање на правата на детето на демократско учество и вклученост.

По повод 25-годишнината од канцеларијата на Народниот правобранител во Република Северна Македонија, Делегацијата на ЕУ во соработка со партнерските организации Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Центарот за семејна и грижа за децата КМОП Скопје, како и Канцеларијата на Народниот правобранител ќе ја информираат јавноста за иницијативите за унапредување на правата на децата.

Конференцијата ќе ја отворат амбасадорот Дејвид Гир и Народниот правобранител Насер Зибери. Амбасадорот Гир ќе ги пречека присутните со обраќање за поддршката од ЕУ за создавање простор за детските права, додека Народниот правобранител Зибери ќе ги потсети присутните за 25-годишната работа на канцеларијата на Народниот правобранител за заштита на човековите права.

Во панел дебатата, претставниците на сите вклучени организации ќе се осврнат на различни аспекти на состојбата со правата на децата во земјата.

Покрај присутните градоначалници и претставници на локалните самоуправи на Дебар, Гостивар, Кисела Вода, Велес и Виница, како и директори и други претставници на партнерски училишта, на дебатата ќе учествуваат ученици од неколку средни училишта од Скопје.