Петровска во неколкудневна посета на САД
Министерката за одбрана Славјанка Петровска пристигна во неколкудневна посета на Соединетите Американски Држави, каде ќе има бројни средби со високи претставници на американската администрација, вклучувајќи го и секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин...

Министерката за одбрана Славјанка Петровска пристигна во неколкудневна посета на Соединетите Американски Држави, каде ќе има бројни средби со високи претставници на американската администрација, вклучувајќи го и секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин.
Во видео – изјава пред самиот почеток на интензивната агенда, министерката Петровска информираше за оваа средба како и за останатите активности во САД, меѓу кои и посетата на Државниот универзитет на Северна Каролина и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на партнерството помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт во Берлингтон.
На средбата со американскиот секретар за одбрана Остин, порача Петровска, ќе стане збор за иднината, за предизвиците и за тоа како и двете земји да останат гарант на сигурноста и стабилноста на Балканот и на евроатлантската област.
Значаен дел од посетата е наменет и за одбележување на 30-годишнината од воспоставувањето на стратешкото партнерство помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт. Во Берлингтон, министерката Петровска ќе посети неколку капацитети на Националната гарда на Вермонт, ќе има средба и со гувернерот на оваа сојузна држава, Фил Скот, а домаќин на делегацијата која го вклучува и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски ќе биде командантот на Националната гарда на Вермонт, генералот Грегори Најт.
Во САД предвидени се средби и во американскиот Стејт Департмент, како и посета на Агенцијата за безбедносно – одбранбена соработка на САД, и средба со нејзиниот директор, Џејмс Хрш.
Делегацијата ќе го посети и Универзитетот Норвич, каде ќе се разговара за продолжувањето на соработката на овој најстар приватен воен колеџ со Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
