Руско - украински конфликт

Се разгоруваат борбите во источна и јужна Украина

05.06.2023 12:26

Украинската војска со контраофанзива во пет сектори на фронтот во правец на Доњецк. Руското Министерството за одбрана тврди дека го одбиле украинскиот напад…

Украинската армија повикува на „оперативен молк“, пред очекуваната контраофанзива. Министерството за одбрана објави видеоснимка, што завршува со кадри од два борбени авиона Ф-16. Портпаролот на воздухопловните сили, претходно, објави дека земјата ја формирала првата група пилоти за обука на борбени авиони. Од друга страна, од Кремљ велат дека испораките на ракети со долг дострел, во Киев, ги продолжуваат тензиите.

Министерството за одбрана на Русија тврди дека вчера спречиле големи украински напади, во две провинции во Украина кои беа анектирани од Москва. Нејасно е дали нападите претставуваат почеток на украинската контраофанзива.

„Непријателот почна голема офанзива во пет сектори на фронтот во јужниот правец на Доњецк. Како резултат на вештите акции на Источната група, загубите на оружените сили на Украина изнесуваа повеќе од 250 лица, 16 тенкови, три пешадиски борбени возила и 21 оклопна борбена техника“, изјави Игор Конашенко, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Претседателот Зеленски, по неодамнешната европска турнеја изјави дека Украинците се подготвени за контранапад, веруваат во успех, но не знае колку ќе трае битката за териториите.

„Војната продолжува и ќе продолжи. Тешко ми е да ја коментирам ситуацијата воопшто, контраофанзивата, другите единици и како се тие. Можам да кажам за себе и можам да одговорам за мојата единица, дека напредуваме извршувајќи ги борбените задачи што ни ги додели повисоката команда“, изјави Олег Ширјаев, командант на 127-та бригада за територијална одбрана - Харков.

Украинската војска пријави нови битки на истокот и на југот, руската пак, објави за нови напади во Белгород. Се бројат цивилни жртви. Во војната што почна, загинаа најмалку 485 деца, објавија властите во Киев.

„Ова е бројката што можеме официјално да ја потврдиме, знаејќи ги податоците за секое дете. Секогаш кога ја ослободуваме нашата земја од руските окупатори, ја дознаваме страшната вистина за окупацијата“, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Во меѓувреме, Русија почна со воените вежби во Балтичко Море кои ќе траат до 15-ти јуни. Во вежбата учествуваат 3.500 војници, 40 пловни објекти и 25 авиони и хеликоптери.

 

Маријана Димовска