Судство

Дебата на висок тон во Судски совет

05.06.2023 12:34

Во Судскиот совет повторно меѓусебни препирки и обвинувања на расправата за судир на интереси на експретседателката Весна Дамева. Се обвинува дека учествувала во постапки при одлучување на одговорност за судии, каде странка бил и нејзиниот сопруг. Дамева тврди-против неа се води хајка...

Високи тонови, конфронтирања и обвинувања на седницата на Судскиот совет каде се расправаше за евентуален судир на интереси на поранешната претседателка на ова тело Весна Дамева. Обвинувања дека учествувала во постапки за одговорност на судии кои носеле пресуди каде странка бил нејзиниот сопруг.

Дамева посочи дека не морала да знае за деловните обврски и судските постапки во кои бил вклучен нејзиниот сопруг, затоа што како што рече, тие дома не разговараат за службени прашања. Таа уште еднаш рече дека против неа се води хајка.

Советот одлучи да побара дополнителни одговори од Кривичниот, Граѓанскиот и Апелацискиот суд во однос на предметите во кои како странка се јавува сопругот на Дамева.

Минатиот месец таа беше разрешена од функцијата, и за нов претседател на советот е избран Сашко Георгиев. Експертската јавност за нејзиното разрешување истакна оти е незаконско. Холандија отиде чекор понатаму. Го стопира милионскиот проект за Судскиот совет поради како што рече амбасадорот Коп-лошите состојби во правосудството.

 

Анита Димитријевска Велковска