Ковачевски на автопатската делница Демир Капија – Неготино, дел од Коридорот 10д
Станува збор за рехабилитација на оваа автопатска делница во должина од 15 километри, а средствата, во вредност од 9 милиони евра, се обезбедени од Јавното претпријатие за државни патишта...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта на Република Северна Македонија, Ејуп Рустеми, беше на теренот каде што е во тек рехабилитација на двете коловозни ленти на автопатската делница Демир Капија – Неготино.
Станува збор за рехабилитација на оваа автопатска делница во должина од 15 километри, а средствата, во вредност од 9 милиони евра, се обезбедени од Јавното претпријатие за државни патишта.
Од 2017 до 2022 година, како што нагласи премиерот Ковачевски, се вложени 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта; изградени се и рехабилитирани околу 1.400 километри патишта за 6 години; изградени се 2 нови експресни патишта; градиме уште 2 нови и бројни магистрални и регионални патишта; градиме и рехабилитираме околу 450 километри локални патишта низ општините.
Динамиката на изградбата на патот од Кичево до Охрид, во должина од 57 километри, како што рече премиерот, е забрзана, отстранети се наследените проблеми што ја кочеа реализацијата и веќе 75 проценти од патот е завршен.
Неодамна и официјално е пуштена во употреба и рехабилитираната патна делница Куманово – Страцин, процес којшто за прв пат е спроведен после повеќе од 32 години, а овој магистрален пат е дел од европскиот Коридор 8 и е од витално значење како за тој регион, така и за целата држава.
„Како ниту една друга влада вложуваме во секој дел од државата. И продолжуваме со истото темпо, затоа што нашата држава и граѓаните заслужуваат да имаат модерно патно поврзување“, порача премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата посебно посочи на значењето на изградбата на коридорите 8 и 10 д, во рамки на којшто проект ќе бидат изградени околу 110 километри нови автопатишта, а изведбата на проектот значи и нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2 процента годишно, во наредните пет години. На терен и на двата коридора, како што соопшти премиерот Ковачевски, веќе се вршат неопходните подготвителни активности за градежните работи, геомеханички истражувања, а паралелно течат и процесите на проектирање, изработка на елаборати за експропријација на земјиштето и мобилизација на фирми коишто ќе бидат вклучени во изградбата на автопатите.
Министерот за транспорт и врски Бочварски, во неговото обраќање рече дека вложувањата во квалитетна патна врска на Коридор 10 е дел од планот на Министерството за воспоставување брз, безбеден и модерен автопат.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Рустеми, потенцираше дека покрај фокусот насочен кон изградбата на коридорите 8 и 10 д како најголемиот инфраструктурен проект, со којшто државава ќе добие нови 110 километри автопатишта, се води грижа и за сите други автопатишта и патишта за нивна навремена санација и рехабилитација.
Проектот за рехабилитација на автопатската делница Демир Капија – Неготино е дел од годишната програма на Јавното претпријатие за државни патишта на Република Северна Македонија што се однесува на поправка и рехабилитација на државни патишта.
