Лицата со попреченост најавуваат протест пред Влада
Лицата со попреченост со шатори пред Владата. За задутре најавен и протест. Незадоволни се од како што велат, незаинтересираноста на власта, но и од градоначалничката на Скопје Арсовска за нивните проблеми. Појаснуваат дека зголемениот додаток од речиси 15 проценти ни оддалеку не ги покрива основните егзистенцијални потреби …

Два дена Благојчо Горгиев и Суарет Алишан ќе поминат пред Владата. На протестот в среда пак, кога ќе го постават и кампот, ќе побараат од надлежните да се зголемат примањата на лицата со попреченост за 78 насто, односно за истиот процент со кој се зголемија платите на функционерите. Ги повикаа сите граѓани да ги поддржат и да им се приклучат во битката за социјална правда.
Револтирани се од односот на државата поради немањето здравствена заштита и немањето квалитетно образование. Од здружението „Хендикеп плус“ велат дека еднаквоста што им е загарантирана со Конвенцијата за нив сè уште е недостижна. Ги повикаа сите пратеници да им дадат поддршка за да ги подобрат законите кои ги опфаќаат лицата со попреченост.
Протестот го организираат коалицијата „Менуваме“ и здружението „Хендикеп плус“. Поддршка добија и од „Гласен текстилец“, Мрежа против дискриминација, од коалицијата „Маргини“ и неколку синдикати.
Викторија Милевска
