Македонија

Доктор Вучевски е ослободен за пожарот во модуларната болница, директорите на условна казна

05.06.2023 14:28

Во тетовскиот суд пресуда за обвинетите за пожарот во модуларната болница. Двајцата директори Флорин Бесими и Артан Етеми се осудени на условна казна од по една година и шест месеци. Утврдената казна нема да се изврши, ако во рок од три години не сторат ново кривично дело. Докторот Бобан Вучевски е ослободен од обвинение, додека тетовската Клиничка болница, како правно лице, треба да плати милион денари. Обвинетиот Бесими најави дека ќе ја обжали пресудата...

Поранешните двајца директори на Клиничката болница Тетово, Флорим Бесими и Артан Етеми се обвинети за кривично дело против општата сигурност. Осудените кои според кои според пресудата предизвикале опасност за животот на пациентите и нивните роднини кои биле во болницата, во критичниот момент нема да одат во затвор, ако во период од три години не сторат ново кривично дело.

Судот го ослободи од обвинение доктор Бобан Вучевски, а правното лице Клиничка Болница Тетово е прогласено за виновно за загрозување на општата сигурност и треба да плати парична казна од 1 милион денари. Но од второто кривичното дело за кое се товари непостапување според здравствените прописи за време на епидемија е ослободен.

Обвинетиот Бесими најави дека ќе ја обжали пресудата оти како што рече не се чувствува за виновен.

Доктор Бобан Вучевски кој беше обвинет од Јавното обвинителство дека дозволил влез на роднини во болничките соби, се заблагодари за поддршката во текот на целиот судски процес.

И попладнево тетовци се собраа пред Основниот суд за поддршка на доктро Вучевски. Ја поздравија ослободителната пресуда.

Судијата Јордан Велков, на брифингот со новинарите истакна дека обвинителство, не успеало да обезбеди докази за обвинетиот д-р Вучевски дека е виновен за делото за кое се товари, додека двајцата поранешни директори и правното лице судот ги прогласи за виновни, како што потенцираше судијата, затоа што не обезбедиле, односно не поставиле противпожарни апарати во самата модуларна болница.

Како што потенцира судијата тие се виновни за непоставување на противпожарна заштита, а не за предизвикување на пожарот.

Во пожарот во модуларната болница што се случи на 8 септември 2021 година животите ги загубија 14 луѓе.

 

Зоран Димовски