Охрид

До крајот на годината ќе заврши конзервацијата на ѕидното сликарство и архитектурата во „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново

05.06.2023 14:30

Во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, денеска беа презентирани досегашните резултати од соработката меѓу НУ „Завод и музеј“-Битола и „Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици“ од Солун. Се споделуваа стручните искуства, при тоа, користејќи ги сите современи технологии на истражување и скенирање. Конзервацијата на ѕидното сликарство и архитектурата на црквата Св. Ѓорѓи во Крбиново ќе заврши до крајот на годината, велат експертите...

Денес во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, која има исклучително значење за ѕидното сликарство од византискиот период, беа презентирани досегашните резултати од соработката меѓу НУ „Завод и музеј“ Битола и „Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици“ од Солун, од проектот за „Конзервација на ѕидното сликарство на оваа црква“

Мешовитите конзерваторски тимови со оптимистички тонови. До крајот на годината комплетно ќе заврши конзервацијата на ѕидното сликарство и архитектурата на црквата Св. Ѓорѓи во село Курбиново која важи за редок пример на византиското сликарство. Експертите велат дека се споделуваа стручните искуства, при тоа, користејќи ги сите современи технологии на истражување и скенирање.

„Беше набавена најсовремена и доста скапа опрема, за сите анализи кои беа потребни да се направат. Се поднесе барање до Центарот за конзервација, беше одобрено пред еден месец и сега успешно се завршува првата фаза од проектот“, изјави Флора Карајани, директорка на Европски центар во Солун.

Големо духовно наследство на фрескоживопис од 12-ти век, на чие конзервирање се чекаше со децении. Заедничката работа придонесе во првата фаза да имаме високостручна конзервација на оригиналните фрески меѓу кој е онаа на Архангел Гаврил.

Зацртаната динамика со работа ќе продолжи по кусата пауза, а од почетокот на идната година Курбиново ќе биде отворено и за првите туристи.

Стевче Митревски