Македонија

Анализите за присуство на тешки метали во овошјето и зеленчукот се негативни, велат од АХВ

05.06.2023 14:55

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски потврди дека резултатите од анализите за наводно присуство на тешки метали во овошје и зеленчук се негативни, што го тврдеше ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека ширење лажна паника и тревога е кривично дело, а дали Агенцијата ќе поднесе пријава, ќе се знае деновиве...

Во доматите и краставиците нема тешки метали штетни за здравјето на граѓаните, уверува првиот човек во Агенцијата за храна и ветеринарство, Бабовски. Додава дека ширењето лажна паника и тревога е кривично дело, а во текот на наредните денови и ќе се знае дали Агенцијата ќе поднесе пријава за тоа.

Поднесување кривична пријава, само говори за вашиот очајнички обид да се извлечете од овој мегаскандал, порача Цветан Трипуновски, претседател на Комисија на ВМРО-ДПМНЕ за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тој, повторно истакна дека пестициди и тешки метали се детектирани во овошјето и зеленчукот кои се увезени во Македонија. Како што вели, тоа недвосмислено го потврдуваат анализите кои ги презентирал на јавноста.

„Додека Бабовски и останатите околу него, сакаат да ја замајат јавноста од детектираните присуства на резидуи од пестициди во храната од неживотинско потекло, добро е Бабовски да го посоветуваат околу наодите од тестирања и начинот на прикажување во истите. Имено, од правилникот за општите барања за безбедност на храната, во однос на максималните нивоа на одделни контаминенти, може да се види дека максималното ниво на контаминенти – метали, е дадено само за олово и кадмиум изразено во mg/kg водена тежина“, посочи Трипуновски.

Бабовски објасни дека ако при увоз се откријат позитивни пратки, тие веднаш се ставаат под надзор. Право на увозникот и економскиот оператор е да побараат втора контрола и супер-контрола. Доколку, повторно се добијат позитивни резултати, тогаш пратките одат на уништување.

Ана Јосифоска Тодоровска