Меџити го разреши раководителот на кардиохирургија кој ја водеше првата трансплантација на срце
Министерот за здравство Меџити го разреши директорот на државната кардиохирургија д-р Сашко Јовев, кој го предводеше тимот на трансплантација на срце во државата. Без да ги образложи причините за разрешувањето, Меџити рече дека кој нема да сработи, ќе биде отпуштен од функцијата. Вели ова е само почеток, најави и други разрешувања на директори. Инаку, д-р Јовев првата трансплантација на срце ја изведе во 2020-та година, а оттогаш има изведено осум пресадувања на срце...

Кардиохирургот доктор Сашко Јовев, кој го предводеше тимот кој ја изврши првата трансплантација на срце во државата е разрешен од функцијата директор. Министерот за здравство не ги образложи причините за неговото разрешување. Од Јовев очекувал извештај за сработеното, Меџити вели – кој нема да сработи, ќе биде отпуштен од функцијата. Вели ова е само почеток, најави и други разрешувања на директори.
„Веќе нема да има директори кои седат и спијат по 5 – 10 години и немаат никаков резултат. Затоа здравството ни е во ваква амортизирана состојба. Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и во се другото, јас вака ќе постапам, ова е само почеток. Ќе бидете известени од службите точно што не е како што треба јас сега не би можел тоа да ви го кажам. Но, нема да има вечни ниту министри, ниту директори“, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.
Според информациите, голем дел од вработените во државна кардиохирургија денеска му испратиле писмо на министерот за здравство Фатмир Меџити и му се заканиле дека колективно нема да одат на работа во знак на протест поради разрешувањето на директорот. Ваквата реакција на лекарите, но и на немедицинскиот кадар на кардиохирургија, следува откако министерот за здравство експресно му врачи отказ на директорот Јовев.
Доктор Јовев ја запиша Македонија на мапата на земји во светот каде успешно се вршат трансплантации на срце. Добитник е на државни награди за достигнувања во медицинската наука. Првата трансплантација на срце ја изведе во 2020-та година, а оттогаш има изведено осум пресадувања на срце.
Од идната година планот на Меџити е Клиничкиот центар да има еден генерален директор кој ќе ги раководи сите клиники, а економските директори да ги разреши. Според министерот за здравство на овој начин ќе се штеди и ќе има поголема соработка меѓу клиниките.
Андријана Ѓурческа
