Политика

Средбата закажана, темите познати, в среда на маса ќе седнат Ковачевски и Мицкоски

05.06.2023 16:28

В среда, во Клубот на пратениците, средба Ковачевски-Мицкоски. Поканата и официјално испратена од премиерот. Ќе се разговара за одлуките што треба да се донесат во Собранието за продолжување на европската интеграција на Македонија и за односите со соседите, стои во поканата од Владата. Предлог-иницијативата за уставни измени од правда испратен на „Илинденска“...

Во среда во Клубот на пратеници на иста маса ќе седнат Ковачевски и Мицкоски, а двете теми на разговор, како што соопшти премиерот ќе биле носењето одлуки за европска интеграција на државата, и активностите на сите политички чинители во државата во врска со односите со соседите. Ковачевски вели дека форматот на лидерската го одбрал првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ и затоа ќе била тет- а- тет средба. Очекува на средбата да најдат заеднички јазик.

„Имаме на една страна интеграција во ЕУ, а на друга страна изолација. И јас се надевам дека тоа што го сакаат сите граѓани ќе го изберат и сите политичари, а тоа е интеграција на државата во ЕУ. Очекувам да разговараме отворено за сите теми бидејќи се значајни. Се надевам дека ќе дојдеме до заеднички јазик за тоа на кој начин треба да продолжиме со интеграција. Инаку, ќе имаме изолација“, вели Димитар Ковачевски, претседател на Влада.

Ковачевски како тема на договарање со опозицијата веднаш ја отфрли можноста за предвремени избори, рече изборите ќе си биле во редовен термин.

Сепак власта и опозицијата имаат целосно спротивни очекувања од средбата каде ќе се разговара за уставните измени.

Пратеничката група на Коалицијата „За обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ со повик до претседателот на партијата Христијан Мицкоски на претстојната лидерска средба да ги реафирмира ставовите за неприфаќање на уставните измени и да се почитуваат интересите на граѓаните. Од партијата очекуваат Ковачевски да излезе од стегите и заложништвото на ДУИ и да прифати да разговара за периодот што по фактот дека уставните измени нема да го имаат потребното мнозинство. Ставот е јасен како што велат, уставни измени нема да има, и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор.

Додека се чека Ковачевски и Мицкоски да седнат и да разговараат за односите со Бугарија, Предлог-иницијативата за уставни измени Министерството за правда ја испрати до Владата. Откако Владата ќе ја усвои, иницијативата ќе биде доставена во парламентот. Очекувањата се дека уставните измени би биле испратени во Собранието кон средината на овој месец.

 

 

Игор Панов