Ахмети: Уставните измени треба да се случат
Уставните измени треба да се случат посочи Али Ахмети на одбележувањето 21 година од основањето на Демократската унија за интеграција. Апелираше до опозицијата да даде поддршка за како што вели европската иднина на следните генерации...

Уставните измени треба да се случат. Вклучувањето на заедниците, меѓу кои и Бугарите, како уставна категорија, ќе се заклучи историско поглавје за нашите сограѓани Македонци и тие конечно ќе се легитимираат како нација и култура на меѓународно ниво – ова го изјава претседателот на ДУИ Али Ахмети на годишнината од основањето на партијата. Тие даваат недвосмислена поддршка за уставните измени со цел забрзување на процесот на евроинтеграциите кои според Ахмети би можел да се случи и за 3 до 4 години. Апелираше до опозицијата да даде поддршка за како што вели европската иднина на следните генерации.
„Апелирам до ВМРО-ДПМНЕ да ја согледаат грешката што ја направија со Преспанскиот договор. Да се солидаризираат кон легитимирање на нацијата и интегрирање на земјата во ЕУ. Треба да има помирување меѓу сите субјекти кои имаат политичка одговорност. Да ги оставиме настрана дневните интереси, да не ставаме приоритети на тоа дали ќе ги добиеме следните избори, туку приоритет да ни е членството во ЕУ, изјави Али Ахмети.
Тезата дека нема алтернатива не држи-истакна Радмила Шекеринска. Таа посочи дека треба да се има разбирање за голем број етнички Македонци кои се противат на Уставните измени, стравувајќи дека ова не е последно барање кое треба да се исполни кон европскиот пат.
„Треба многумина кој се посветени на измени на Уставот треба да ги разберат Македонците кои велат не. Тој број не е за потценување. Најголемиот дел кои се против, уставни измени, тие не се против ЕУ. Мислам дека голем дел од тој отпор за уставни измени не доаѓа од ЕУ, туку доаѓа од стравот дека ова не е крај. И тој страв не е нереален“, изјави Радмила Шекеринска.
Според аналитичарот Арсовски земјава се наоѓа на крстопат, но треба да се внимава на изборот. Барањето да се промени преговарачката рамка е Пандорина кутија, која не се знае што може да донесе.
„Уставните измени се обврска од преговарачка рамка, единствено да ги избегнеме е да ја смениме преговарачката рамка. Тоа е Пандорина кутија. Таа е пакет. Отворајќи ја преговарачката рамка значи и нови барање од Бугарија“, изјави Арсовски.
Уставните измени треба да се случат најдоцна до ноември оваа година.
Марина Стојанова Тонева
