Денеска во МКЦ промоција на стохозбирката „На врв на јазикот“
Новата стихозбирка на академик Катица Ќулавкова, „На врв на јазикот“, ќе биде промовирана денес, со почеток во 19 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Наташа Аврамовска, а модератор уредничката Оливера Ќорвезироска...

Новата стихозбирка на академик Катица Ќулавкова, „На врв на јазикот“, ќе биде промовирана денес, со почеток во 19 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Наташа Аврамовска, а модератор уредничката Оливера Ќорвезироска.
Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, содржи 40 песни, поделени во седум целини: Забранета љубов, Копнеж по слобода, На врв на јазикот, Претечи, маченички (поетски драми), Неиспратени писма (меѓуциклус), Око соколово (трето око) и Годишни доба. Автор на поговорот во книгата е писателот и книжевник Венко Андоновски. Ќулавкова е редовен член на МАНУ (од 2003), член на Европската академија на науките (Салцбург, од 2014) и потпретседател на Меѓународниот ПЕН (од 2008). Нејзини поетски книги се преведени на повеќе јазици (албански, англиски, бугарски, италијански, португалски, романски, руски, словенечки, српски, турски, француски, хрватски, црногорски, шпански).
Има објавено над 40 авторски книги поезија, огледи и раскази, како и дваесетина приредени антологии, хрестоматии и критички изданија. Раководела со повеќе републички и меѓународни истражувачки проекти. Основач е на е-списанието за компаратистика „Мираж“ и на мултијазичната колекција „Разноликост“ на Меѓународниот ПЕН, а претседавала шест години и со неговиот Комитет за превод и јазични права.
Добитник е на највисоката државна награда за животно дело „11 Октомври“, како и на многубројни награди за поезија, критика и есеистика во земјата и во странство. Живее во Скопје.
