САД

Петровска во Државниот Универзитет во Северна Каролина

06.06.2023 10:06

По средбата министерката Петровска се обрати пред студентите, професорите, членовите на алумни-асоцијацијата на Универзитетот и експертската јавност при што изрази уверување дека оваа посета го трасира патот за долготрајна плодна соработка...

Со посета на Државниот Универзитет на Северна Каролина и Институтот за безбедносни студии Triangle, започна повеќедневната посета на министерката за одбрана Славјанка Петровска на Соединетите Американски Држави.

Министерката Петровска при посетата на Државниот универзитет се сретна со проректорката, проф. д-р Хајди Хобс, директорката за глобални партнерства Сара Олсон, и директорот на мастер програмата за меѓународни студии проф. д-р Марк Нанс. На средбата, министерката го истакна значењето на академската заедница во борбата против најновите безбедносни закани и порача дека можноста за соработка со овие високо-образовни институции ќе придонесе за зајакнување на едукацијата и подготвеноста на идните офицери и лицата од одбранбениот сектор во справувањето со нив.

По средбата министерката Петровска се обрати пред студентите, професорите, членовите на алумни-асоцијацијата на Универзитетот и експертската јавност при што изрази уверување дека оваа посета го трасира патот за долготрајна плодна соработка.

За време на посетата на Институтот за безбедносни студии Triangle чиј фокус е проучување на националната и меѓународната безбедност, министерката Петровска заедно со членовите на извршниот одбор потпишаа Меморандум за разбирање помеѓу двете институции. Целта на овој меморандум подразбира развој на практична, академска и образовна соработка, односно развој на заеднички програми од областа на борбата со дезинформациите, контролата на вооружувањето, сајбер и хибридното војување, развојот на истражувачки активности, како и размена на студенти, професори, истражувачи и едукативни материјали.

Утре министерката за одбрана ќе замине за Вермонт каде ќе ја посети Националната Гарда на Вермонт и ќе присуствува на одбележувањето на 30 годишното партнерство со Армијата на Република Северна Македонија.