Украина

Урната браната на Дњепар, евакуација на населението

06.06.2023 12:04

Урната голема брана на Дњепар, населението се евакуира. Според „Енергоатом“, под закана е и нуклеарната централа во Запорожје бидејќи водата од езерото е неопходна за работата на електраната. Меѓународната Агенција за атомска енергија наведе дека нема директна опасност …

„Терористите нема да ја запрат Украина ни со вода ни со проектили“ – порача претседателот Зеленски кој свика итен состанок поради уништувањето на браната „Нова Каховка“ во Херсон. Десетици илјади луѓе се во критичната зона на десниот брег, поплави има во осум области по течението на Дњепар. Населението се евакуира, а Москва и Киев со меѓусебни обвинувања за колапсот на браната која ги снабдува со вода и Крим и електраната во Запорожје. Украинската страна ја обвини Русија за подгревање на стравот од нуклеарна војна, а Кремљ тврди – Киев се обидува да ја дефокусира јавноста од неуспешната контраофанзива.

„Руската армија изврши терористички напад, ја разнесоа браната на Харковка. За шест часа, водата ќе достигне критично ниво. Евакуацијата на безбедна локација почна. Сите служби за вонредна состојба се активирани. Земете ги документите и сите потребни работи и чекајте ги автобусите. Направете се за да се заштитите. Напуштете ја опасната зона веднаш“, изјави Олександар Прокудин, шеф на администрација на Херсон.

„Водата се зголемува. За да се спасат сите се спроведува евакуација на цивилите од граничните региони. Формиран е оперативен штаб. Нема паника во градот. Нивото на водата е зголемено за 10 метри“, изјави Владимир Леонтиев, шеф на администрацијата во Нова Каховка.

„Во Нова Каховка се организираат секакви процедури. Како што очекувавме, зголемувањето на нивото на водата ќе трае и до 72 часа, а потоа водата ќе почне да се повлекува“, изјави Иван Павленко, шеф на Министерството за вонредни ситуации на Херсон.

За шефот на украинската дипломатија, Кулеба, уривањето на браната е веројатно најголемата технолошка катастрофа во Европа во последните децении и сериозно воено злосторство. Осуда и од првиот човек на НАТО, Столтенберг.

„Ова е уште еден криминал во Украина од страна на руските војници. Дел е од војувањето кое цели кон цивили, градови, села, болници, училишта, инфраструктура што не може да се поврзе со битка во војна. Ова има нова димензија, но одговара на начинот на кој Путин ја води оваа војна“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.

Народот во загрозените подрачја со поделено мислење за потенцијалната закана. Дел од луѓето одбиваат да го напуштат регионот.

„Не се евакуирам, нема да стигне овде“.

„Русија пак изврши терористички напад. Не треба да паничиме, ќе ја чекаме одлуката на властите“.

„Каде да одам? Ќерка ми живее во Англија, јас каде да одам?.

„Тие се измамници. Сакаат да го потопат градов“.

Браната висока 30 метри и долга 3,2 километри е изградена во 1956 година на реката Дњепар, како дел од хидроцентралата Каховка.

 

Маја С. Филдишев