Продолжуваат протестите на Србите на северот на Косово
Србите повторно пред општинските згради во северно Косово. Специјалните претставници на ЕУ, Лајчак и Ескобар, вечер во Белград откако во Приштина одржаа средби со премиерот Курти. Меѓународната заедница постави три барања...

Србите остануваат пред општинските згради на северот на Косово. Специјалните претставници на ЕУ и сад Лајчак и Ескобар од Приштина во Белград откако на косовскиот премиер Курти му ги претставија трите барања – деескалација, нови избори во неколкуте општини, враќање во процесот на дијалог.
„За жал, се вративме во Приштина да се справиме со кризата наместо нормализација на односите. Ова не се добри вести. Овде сме во името на ЕУ и сад, заедно со колегата Габриел за да помогнеме во наоѓањето решение за ситуацијата на северот. Претставивме предлози во името на меѓународната заедница кои содржат три елементи. Прво, деескалација на ситуацијата. Второ, нови избори на северот. Трето, враќање на дијалогот и нормализирање на процесот“, изјави Мирослав Лајчак, претставник на ЕУ.
Косовскиот премиер Курти побара од Брисел и Вашингтон да повикаат на прекин на насилството врз домашните и меѓународните безбедносни сили на север и казни за сторителите.
„Не сум видел вакво единството во трансатлантската заедница. Сад, ЕУ и НАТО и секој друг пријател на Косово е со истото барање. Се надевам, ќе бидеме ислушани“, изјави Габриел Ескобар, претставник од САД.
За учество во евентуални нови избори, српското население бара формирање на заедницата на српски општини, специјалните единици да ги напуштат објектите на локалната самоуправа, и во нив да не влегуваат градоначалниците, кои според нив, се нелегитимни. Во меѓувреме, косовскиот опозиционер Харадинај го обвини Курти дека ќе го подели Косово за да избегне создавање на заедница на српските општини.
Марина Ристова
