Македонија

Тренчевска: Децата и младите остануваат наш приоритет

06.06.2023 13:05

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати на конференцијата „Зајакнување на отпорноста кон организираниот криминал и корупција меѓу младите во Југоисточна Европа“.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати на конференцијата „Зајакнување на отпорноста кон организираниот криминал и корупција меѓу младите во Југоисточна Европа“.

„Министерството за труд и социјална политика во изминатите три години интензивно работи на унапредување на современиот концепт на правда на децата преку зајакнување на деинституционализацијата, кој во својата суштина го става акцентот на вонинституционалниот третман на децата во ризик и децата во судир со законот, наспроти институционалниот“ рече Тренчевска на почетокот од своето обраќање.

Воедно истакна дека тоа ни малку не ја намалува должноста и одговорноста на државата и нејзините институции. Таа посочи дека тие треба да го осмислат, поддржуваат организираат и да го контролираат системот на мерки на поддршка, помош и заштита на децата надвор од институционалниот третман.

„Во јули 2018-ма година се заврши трансформацијата на Јавната установа за згрижување на деца со воспитно социјални проблеми и нарушено поведение-Скопје, со која сите 25 деца во ризик се преселени во пет групни домови во Скопје каде е обезбедена 24-часовна поддршка од стручни работници. Стручните работници кои работат со децата во групните домови поминаа обука за новиот начин на работење, а заради поквалитетна грижа на децата се вработија и нови стручни работници“ изјави Тренчевска.

Министерката објасни дека услугите за деца во судир со законот се темелат на современ интердисциплинарен пристап и максимална интеграција на децата, преку почитување на личното достоинство и интегритет на детето и развивање на нивната самодоверба. Таа посочи и на досегашните искуства и рече дека тие покажуваат дека згрижувањето во групните домови дава поголем и подолготраен ефект од стариот институционален пристап. Тренчевска на крајот од своето обраќање посака успешна и плодна работа на дводневната конференција.

На конференцијата во воведните излагања се обратија и шефот на мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија, Килијан Вал и амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Н.Е. Андреа Силвестри.