Фестивалот „Охридско лето“ најави спектакуларни настани
63-то издание на фестивалот „Охридско лето“ на љубителите на уметноста ќе им овозможи прекрасни доживувања со настапи на светски познати имиња во музичкиот и драмскиот дел од програмата. Секако се издвојуваат оперската дива Анџела Георгиу од Романија, со чиј настап ќе биде отворен фестивалот и американската филмска ѕвезда Џон Малкович, кој ќе биде најексклузивниот гостин што ќе се запише во листата на најголемите уметници кои настапиле низ фестивалската историја на охридско лето...

„Анџела Георгиу важи за најгламурозната оперска ѕвезда. Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува по светот. Се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција“, изјави Наташа Поповиќ-директор на фестивалот „Охридско лето“.
„Затоа сум посебно горда на овогодишната музичка програма и сигурна сум дека мојот избор на музички уметници ќе предизвика огромен интерес кај стручната публика и кај јавноста“, изјави Бисера Чадловска-музички селектор.
Театарската програма ќе привлече огромно внимание, особено поради тоа што театарската публика ќе може да го види настапот на американската филмска ѕвезда Џон Малкович со проектот во режија на Михаел Штурминген „Вечер на Џон Малкович“ во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и оркестарот на Виенската академија.
„Небото на годинешното Охридско лето ќе блеска со театарски ѕвезди, додека публиката ја впива во себе ќе се бори со секоја воздишка, секој крик, смев, секое разочарување, лага, возбуда и среќа, секоја тага, копнеж и болка, предизвикани од емоционалното празнење на 7 театарски претстави“, рече Сања Арсовска-драмски селектор.
Во текот на 40-те фестивалски вечери љубителите на уметноста ќе уживаат во 37 концерти, 7 театарски претстави и други настани, а на летните сцени се очекува да продефилираат 1.000 уметници од над 20 земји.
Сашо Нелоски
