Евроинтеграции

Маричиќ: Доколку не се направат уставни измени ќе биде испуштена шансата за ЕУ

06.06.2023 14:37

Реално е очекувањето да станеме членка до 2030-та година, но без уставни измени ќе ја пропуштиме шанската, смета вицепремиерот Маричиќ. Тој побара одговорност од опозицијата во пресрет на претстојниот процес…

Прогнозите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека за 3-4 години земјава ќе влезе во ЕУ, не се нереални ниту за вицепремиерот Маричиќ. Тој вели дека ако се работи напорно од двете страни тогаш тоа е изводливо, иако Владата 2030-та ја дава како година во која е реално да станеме полноправна членка. Пред утрешната лидерска средба, Маричиќ ја повика опозицијата да биде одговорна во она што следува.

„Она што е многу важно е опозицијата да ја сфати својата одговорност и својот дел од одговорноста во носењето на овие одлуки. Ја пропуштија таа шанса за НАТО и за Преспанскиот договор, не треба, еве им се дава прилика да не ја пропуштат и овој пат, со тоа што овој пат текстот на измените и содржината на измените е далеку со помала тежина и предизвикува помали проблеми во однос на тоа што било претходно“, изјави вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ.

Од Преспа институтот сметаат дека процесот мора да продолжи да се движи и да остане жив, иако прогнозите на Ахмети според нив се помалку реални.

„Не можам да коментирам таква изјава, можам да споделам лично искуство. Во 2002-ра година некаде во септември дипломирав, во октомври започнав со работа во тогашното одделение за интеграција и во втората половина од ноември присуствував на последната рунда за преговори за стабилизација и асоцијација. Еве 23 години подоцна и покрај сите надежи дека ќе бидам државјанин на ЕУ и ќе работам во држава-членка на ЕУ тоа не се случило“, изјави Андреја Стојковски, од Преспа институтот.

На Билатералниот форум на тинк-тенк организации од Македонија и од Шпанија, беа разменети ставови и информации од повеќе области, а според државниот секретар во МНР, Тосевски, тоа е нов начин на приближување.

„Ова е еден нов формат на зближување на двете општества, затоа што во процесот на пристапување во ЕУ не преговара само државата, функционерите и институциите, практично пристапува целото општество и целото општество треба да се вклучи, а за тоа е потребно“, вели Филип Тосевски, државен секретар во МНР.

Ова е прв пат да се организира ваков форум и праксата мора да продолжи, вели шпанскиот амбасадор во земјава.

„Ова е многу важно, ќе влијае на нашите билатерални односи особено по посетата во април на министерот Алварез, како и на посетата пред една година на премиерот Санчез. Тоа е дел од заедничкиот интерес на Шпанија и на Македонија“, изјави Хосе Луис Лозано Гарсија, амбасадор на Шпанија во Македонија.

Билатералниот форум на тинк-тенк организации од Македонија и од Шпанија беше во организација на Преспа Институтот.

 

Катерина Топалова