Здравство

Политиката да се тргне од професионалците, порача д-р Јовев

06.06.2023 15:02

Политиката да се тргне од професионалците, порача д-р Јовев, по разрешувањето од директорската функција. Се пожали на притисоци поради протоколарни пропусти, дежурал без согласност од министерот. Во разрешувањето на Јовев нема политика ниту притисоци, вели министерот Меџити. Тврди, дека докторот ја злоупотребил функцијата. Вработени и пациенти го пречекаа со аплауз и поддршка, застанаа зад него...

Со аплауз од пациентите и од колегите пречекан разрешениот директор на државната Кардиохирургија. Доктор Сашко Јовев пред јавноста посочи дека во последниот период бил изложен на големи притисоци поради протоколарни работи, поврзани со новата сала, а причината за неговото разрешување, вели е неоснована. Во решението е наведено дека минатата година двапати дежурал без согласност на тогашниот министер за здравство. Иако, смета дека не е жртва на политички реваншизам, вели, моето разрешување веќе преминува во такво нешто.

Адвокатот на доктор Јовев најавува тужба, вели решението за разрешување е неосновано.

„Замислете доаѓа некој со итна потреба на клиниката и да му рече портирот – немаме согласност од министерот дојдете утре. Значи само тоа е причината, само дежурството. Јас како правник поставувам прашање како може оваа клиника да нема дежурство. Не може. Злоупотреба од министерот е ако не дал согласност да се организира дежурство“, изјави адвокатот Мите Михајловски.

Министерот за здравство уверува – во разрешувањето на Јовев нема политика, ниту притисоци. Според него, кардиохирургот ја злоупотребил функцијата.

„Има злоупотреби во работењето и секој којшто ќе има злоупотреби ќе биде разрешен од моја страна. Контролите се направени деновиве, пред минатата недела, пред една недела“, рече министерот за здравство, Фатмир Меџити.

Пациентите, меѓу кои и оние со трансплантирано срце револтирани од министерот. Апелираа доктор Јовев да не биде разрешен, оти благодарение на неговите интервенции тие се живи и здрави.

„Не може да се најде таков хирург повеќе, ако си отиде тој, сите ние тука ќе останеме без ништо. Тој за се ни е поддршка“, изјави Иван Огњановски, пациент со трансплантирано срце.

„Целосно се вложи, на нас седум луѓе ни ги врати животите, а и на други безброј пациенти. Мислам дека тој што посегна по него не знае за каква личност станува збор“, рече Сашо Јанкуловски, пациент.

„Воодушевена сум како ја истераа целата ситуација и мислам дека животот ќе го дадам за професор Јовев, затоа што навистина ми го спаси животот“, порача Емилија Христовска Костовска, пациент.

Ваквите одлуки на власта се причината зошто здравствениот кадар е понижен и има дефицит – вака опозицијата го коментира разрешувањето на Јовев.

Андријана Ѓурческа