Судство

Членовите на Судскиот совет, Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимовски поднесоа оставки

06.06.2023 15:26

Судскиот совет алармираше на проблем со изборот или унапредувањето на судии – десетици чекаат ама нема кој да им спроведе психолошки тестови и тестови за интегритет. Нема акредитирана институција. По превирањата во советот изминатиов период, двајца членови поднеле оставки...

Судиите Мирјана Радевска Стефкова од Врховниот суд и Зоран Герасимовски од скопска апелација поднесоа оставки од функциите членови на Судскиот совет. Од ова тело ја потврдуваат информацијата, без да наведат причини за нивното заминување. Ангажманот на двајцата траеше помалку од година. Оставките следуваат во период на нарушени меѓучовечки односи и превирања во советот кои резултираа со смена на претседателката Весна Дамава и доаѓање на Сашко Георгиев на чело на советот.

Претходно Советот информираше дека 40 судии се засегнати од неможноста да бидат избрани или унапредени затоа што во земјава нема акредитирана институција која може да спроведе психолошки и тест за интегритет. Институтот кој претходно ги вршел тестирањата ја нема акредитацијата што ја бара Законот.

Судскиот совет бара Владата да најде преодно решение за да може да се изберат нови судии или пак да се направат законски измени за да се надмине проблемот.

Претседателот на Советот Георгиев укажа и на проблемот што го има судската администрација која најавува штрајк поради укинување на додатокот на плата кој се случува истовремено со зголемувањето на платата на судиите за 78 насто. Георгиев вели дека за овој проблем се бара решение со Министерството за финансии да се најдат пари.

 

 

 

Анита Димитријевска Велковска