НДИ: ВМРО-ДПМНЕ со најголем рејтинг меѓу партиите, стандардот загрижува
Националниот демократски институт претстави резултати од истражување на јавното мислење. ВМРО-ДПМНЕ има предност пред СДСМ, 21,5 проценти наспроти 14 отсто поддршка. Граѓаните се загрижени поради намалениот животен стандард, ниските плати и пензии. Според 56 отсто, одиме во погрешен правец. Испитувањето е направено во април на примерок од 1.003 испитаници...

Економските проблеми – најтешка грижа за граѓаните, ова е заклучокот од истражувањето на Националниот демократски институт. Според анкетата на НДИ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ има предност пред СДСМ. На прашањето за која партија би гласале доколку утре се одржат парламентарни избори, 21,5% одговориле за ВМРО-ДПМНЕ, 14 проценти се одлучиле за СДСМ, па следува ДУИ со 6,2, БЕСА и Алијансата со по 3 и пол проценти, Левица со околу 3 отсто. 18 проценти не знаат, 17 проценти нема да гласаат.
Педесет и осум проценти од анкетираните граѓани се многу загрижени за намалениот животен стандард, ниските плати и пензии. Четири од десет испитаници трошат над 60 проценти од буџетот за храна. Речиси половината имаат тешкотии да ги платат сметките.
56 отсто од анкетираните сметаат дека се движиме во погрешна насока, 11 отсто во вистинска. За оние кои сметаат дека земјата се движи во вистинска насока – најголема причина за тоа се евроинтеграциите, оние кои сметаат дека одиме во погрешен правец ги наведуваат корупцијата, криминалот, инфлацијата, лошите политики на власта.
Истражувањето е спроведено од тим институтот од 12-ти до 24-ти април преку анкета лице в лице на 1.003 испитаници, со маргина на грешка околу 3 проценти и ниво на доверба од 95%.
Марина Стојанова Тонева
