Почнува 22. издание на ОФФ-Фест
Фестивалот годинава го сочинуваат осум концертни настапи и еден документарен филм. ОФФ-Фест 2023 ќе го отвори импресивниот аудио-визуелен перформанс на славната португалска фадо пејачка ѕвезда Мизија...

Дваесет и второто издание на традиционалниот ОФФ-Фест ќе се одржи од денеска до 10-ти јуни во Националната опера и балет и МКЦ.
Фестивалот годинава го сочинуваат осум концертни настапи и еден документарен филм. ОФФ-Фест 2023 ќе го отвори импресивниот аудио-визуелен перформанс на славната португалска фадо пејачка ѕвезда Мизија.
-Фасцинантната моќ на модерната естонска фолк кралица Мари Калкун, во комбинација со раскошната интерпретација на македонската традиционална песна од страна на единствената Зарина Првасевда и нејзиниот состав, создаваат услови за беспрекорно фестивалско доживување. Оригиналниот микс од пустинскиот гитарски блуз и транс ритмите на италијанската Таранта на волшебниот тандем Џастин Адамс И Мауро Дуранте, ќе ја пресретне софистицираната интроспективна лиричност и неодоливиот шарм, талент и визија на нашиот њујорчанец Крсте Роџевски. За мистериозната аура на култната чешка двојка Ирена И Војтех Хавлови ќе сведочи нивното уникатно концертно патување, но и прикажувањето на документарниот филм „Little Blue Nothing: A musical portrait of Irena and Vojtech Havlovi”, наведуваат организаторите.
ОФФ-ФЕСТ 2023 ќе го заокружат фуриозните настапи на две музички појави: новата world-music атракција БАБ Л‘ БЛУЗ со својот психоделичен марокански фанк-рок звук, како и деветчлениот оркестар на легендарното име на конгоанската румба, гитаристот Дизи Манџеку со неговиот ОЛ-СТАРС бенд.
