Киев и Москва и натаму си ја префрлаат вината за уривањето на браната
Илјадници евакуирани по уривањето на браната Каховка. Украинското Министерство за земјоделство процени дека полињата би можеле да се претворат во пустина. Нападот го осудија ЕУ, САД и НАТО кои бараат одговорност од Москва...

Илјадници лица се евакуирани по уривањето на браната Нова Каховка во Херсонската област. Неколкумина се водат за исчезнати. Нивото на водата се зголеми за 12 метри. Украинското Министерство за земјоделство со црни прогнози, проценува дека полињата би можеле да се претворат во пустина.
„Седев, се надевав дека ќе останам таму. Но, водата почна да надоаѓа со голема силина. Син ми позајми брод од соседите и со него излеговме“, вели локална жителка.
„Русите веројатно ја погодија браната без размислување. Нечовечни се“, рече друг.
Киев и Москва и натаму си ја префрлаат вината за колапсот на браната која ги снабдува со вода Крим и нуклеарната централа во Запорожје. Според Меѓународната агенција за атомска енергија, базенот за ладење во електраната има залихи за неколку месеци.
„Побарав директорот на МААЕ да го осуди рускиот терористички акт и да ги зголеми максимално напорите за ослободување на централата. Се договоривме и да ја посети Украина. Само целосно ослободување на украинската земја, од рускиот поробувач, ќе гарантира дека никогаш нема да се повторат вакви терористички акти“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Нападот го осудија ЕУ, САД и НАТО кои бараат одговорност од Москва. Обединетите нации предупредија на тешки и долгорочни последици.
„Ноќта на 6-ти јуни, режимот на Киев стори невиден злостор, ја урна браната Каховка на хидроцентралата, што предизвика неконтролирано излевање на водата од течението на реката Дњепар. Во исто време, раководството на секретаријатот, со сигурност носи политизирани заклучоци дека наводно сите криминални акти се резултат на руските акции во Украина. Ова е неприфатливо отстапување од начелото за објективност и непристрасност пропишано со Член 100, од Повелбата на ОН.“, изјави Василиј Небензја, постојан претставник на Русија при ОН.
„Овој режим детонираше бомба за масовно еколошко уништување, што доведе до најголемата катастрофа предизвикана од човек, во Европа, во последните децении. Русија ја контролира браната и целата хидроцентрала повеќе од една година. Физички е невозможно да ја разнесеме однадвор, со гранатирање“, рече Сергеј Кислица, постојан претставник на Украина при ОН.
„Загрижени сме за народот во погодените подрачја, до кои не можеме да стигнеме. Оперативно сме подготвени, во секој момент да тргнеме со конвоите и персоналот во областите под контрола на Русија“, изјави Мартин Грифитс, заменик-генерален секретар на координаторот за хуманитарни прашања и помош при вонредна состојба.
Продолжуваат борбите и на другите фронтови.
Маја С. Филдишев
