Тетово

Министерот Шаќири со апел до младите да се фокусираат на стручните смерови

07.06.2023 15:35

Стручните училишта се иднината и веројатноста за поголеми успеси на младите, посочи министерот за образование Јетон Шаќири при денешната посета на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово. Во пресрет на претстојните уписи, тој упати повик учениците да се запишуваат во стручни смерови …

Подолг период пазарот на трудот бара кадри кои произлегуваат од стручните средни училишта, но праксата на учениците е местата да ги пополнуваат во општите смерови.

Министерот за образование Јетон Шаќири, во пресрет на уписите, апелираше младите да се фокусираат на стручните смерови, каде преку дуалното образование ќе имаат можност да се стекнат со вештини, а по завршувањето на училиштето да бидат подготвени и конкурентни на пазарот на трудот.

Тој денеска го посети Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово еден од трите центри во државата кои нудат нови 8 смерови кои ги бараат компаниите.

Училиштето е дел од концептот на дуално образование, но истото не нуди солидни услови за реализација. Министерот вети реконструкција на училиштето како и опремување.

Очекувањата се Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ да биде реконструиран и опремен наредната година.

 

Зоран Димовски