Осумдесет проценти од германските инвеститори би вложиле повторно во државава
Осумдесет проценти од германските компании би вложиле повторно во Македонија и би вработиле стручен кадар. Најголеми проблеми за нив и натаму се корупцијата, правната сигурност, јавната администрација и пристапот до работна сила-покажала најновата анкета на германската Стопанска комора...

Германските инвеститори се задоволни од квалитетот и продуктивноста на работната сила, но ја нема доволно. Проблем е и синџирот на добавувачи, бирократијата, корупцијата и неефикасната администрација. Компаниите бараат државата да го олесни процесот на добивање на дозволи за работа на странски експерти во Македонија, вели директорката на германската комора во Македонија, Антје Ванделт, која потенцира дека 80 насто од компаниите би ја прошириле инвестицијата во Македонија.
Ванделт, вели дека и натаму Германија останува наш важен трговски партнер и еден од најголемите инвеститори. И покрај кризата имаме позитивен тренд во трговската размена која лани изнесуваше 4,8 милијарди евра. Заменик-амбасадорот на Германија во државава Ото Граф, посочи дека компаниите опфатени со истражувањето дале позитивна оценка за сопствената деловна состојба, а оценката за општата економската состојба е помалку позитивна.
Наташа Гркова Петрушевска
