Лидерската средба заврши без договор, разговорите продолжуваат
Почнат дијалогот, но без резултат. Премиерот Ковачевски со предлог – ВМРО-ДПМНЕ да влезе во владата со пет ресори со кои раководи СДСМ, како услов за поддршка на уставните измени. Мицкоски по лидерската со став – промена на највисокиот акт под бугарски диктат нема да поддржиме, подготвени сме да влеземе во владата без ДУИ...

Лидерска средба – назнака за почнат дијалог, но без резултат. Премиерот Ковачевски предложил со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да се изгласа потребата за промена на Уставот и да се формира Влада во која партијата на Мицкоски ќе добие пола од нивните ресори, а измените на највисокиот правен акт да добијат важност со одржување на втората меѓувладина седница. Премиерот дециден, потребно е широко обединување за националните интереси и влада со јасна цел – да го продолжи процесот на преговори со ЕУ, но и да ја подготви земјава за избори.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски рече дека нема да прифати уставни измени по бугарски диктат. Се согласил на заедничка влада, но без интегративците на Ахмети – за да почне процесот и да се изгласаат уставните измени. Мицкоски бара тие да бидат со одложена важност, односно да се применуваат кога земјите членки на ЕУ ќе почнат со ратификацијата на пристапниот протокол за наше членство. Мицкоски бара и гаранција од европските институции за македонскиот идентитет, како и гаранција дека Бугарија ќе имплементира барем три одлуки на Европскиот суд за човекови права.
Двајцата лидери се согласни дека разговорите треба да продолжат, но засега нема информации за одржување на нова лидерска средба.
Анита Димитријевска-Велковска
