Меџити го повика Јовев да му биде национален советник за кардиохирургија
Меџити го повика Јовев да му биде национален советник за кардиохирургија. Докторот вели, чест е да се биде на таа функција, но сепак моето место е на клиниката. Не се откажува од правната битка за разрешувањето...

Откако го разреши од директорската позиција, министерот за здравство Фатмир Меџити го повика доктор Сашко Јовев да стане дел од неговиот тим, му нуди да биде национален советник за кардиохирургија. Вели неговата одлука за разрешувањето на Јовев е конечна – докторот не менаџирал добро со клиниката, го кршел законот, имал нерегуларности. Инспекциската контрола утврдила дека вработените не се евидентирале за влез и излез, дежурствата биле без согласност од министерството и не биле доставувани финансиски извештаи. Меџити не ја исклучува можноста да го разреши и организацискиот директор.
Моето место е на Клиниката за кардиохирургија – вели доктор Јовев, откако министерот му понуди да му биде советник. Доколку не биде директор, нема да ја напушти клиниката.
Околу шест илјади членови на Македонското лекарско друштво му дадоа поддршка на доктор Јовев. Го повикаа Меџити да ја преиспита одлуката.
Меџити го разреши доктор Јовев во понеделникот. Вели, контролите во болниците почнале откако дошол на функцијата, а Јовев не е единствениот разрешен директор. Досега дваесетина си заминале од таа функција, дел сами, а дел биле разрешени.
Андријана Ѓурческа
