Политика

ДУИ подготвена да оди во опозиција ако се усвојат уставните измени

07.06.2023 17:12

Партиите излегоа со реакции по лидерската средба меѓу Ковачевски и Мицкоски...

Интегративците се подготвени да излезат од власта и да поддржат широка влада без нив до избори, доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред нејзиното формирање, соопшти на Фејсбук партискиот портпарол Бујар Османи, откако по лидерската средба со премиерот Ковачевски претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски рече дека е подготвен да влезе во влада со СДСМ, но без учество на ДУИ. Османи во кратката објава потенцира дека европската иднина на граѓаните е пред сè!

ВМРО-ДПМНЕ го поздравува ваквиот став на ДУИ и подготвеноста за како што велат одење во опозиција на интегративците која доаѓа по денешниот настап и притисок на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

„Останува уште ДУИ освен за опозиција да се согласи за одложена примена на измените се до периодот на влез на Македонија во ЕУ, откако ќе се увериме дека нема други условувања за македонскиот идентитет. Сакале нејќеле догодина ДУИ ќе биде опозиција, но добро е што стануваат свесни. Стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашан што доколку победници на следните избори се ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Мицкоски рече дека од 2017 години повеќе не важи правилото влада да формираат „победник со победник“.

Со влезот на ВМРО-ДПМНЕ во оваа влада може да се стави крај на македонската демократија сметаат од Левица. Од партијата со оценка дека владата нема легитимитет да носи одлуки, а ставовите на Мицкоски се променливи.

Од Левица велат дека го поддржуваат евроинтеграцискиот процес на земјава, но според партијата македонската дипломатија не може да одговори на предизвиците од односот на Бугарија.

 

 

Викторија Милевска