Мајами и Сан Антонио конференциски финалисти!
Мајами и Сан Антонио се доближуваат до реприза на ланската НБА шампионска серија од седум дуели, откако со по 4:1 се пласираа во конференциските финалиња.

Мајами и Сан Антонио се доближуваат до реприза на ланската НБА шампионска серија од седум дуели, откако со по 4:1 се пласираа во конференциските финалиња.
Шампионот Мајами се извлече во домашната пресметка со Бруклин затоа што речиси загубениот натпревар го претвори во триумф со серија од 12:0 во завршните 4 минути за конечни 96:94. Се почна со тројката на Леброн Џејмс, а финишираше со прецизните шутеви на Реј Ален за три и од линијата за слободни фрлања со коишто „Хит“ прејдоа во решавачко водство. „Нест“ имаа 11 секунди за да изборат за продолжение или за победа, но и при двата обида не успеаја да организираат вистински напад, ниту пак да шутнат кон домашниот кош. Леброн Џејмс постигна 29, Двејн Вејд 28 поени, мала устеха за гостите е тоа што Џо Џонсон беше најефикасен со 34 коша. Следен противик на Мајами ќе биде подобриот од пресметката Индијана – Вашингтон. „Пејсерс“ водат со 3:2, но ноќва ќе гостуваат кај „Визардс“.
Сан Антонио не му остави ниту минимални шанси на Портланд за продолжување на серијата. Решавачката четврта победа „Спарс“ ја остварија речиси без Паркер кој поради повреда на бутниот мускул ја одигра само првата четвртина. Интересно, победата од 104:82 домаќините почнаа да ја градат по излегувањето на Французинот, па во вториот период предноста изнесуваше седум поени, во третиот 14, во последниот стигна до највисоките +22. Грин и Ленард кај Сан Антонио постигнаа по 22 поена, Олдриџ кај „Трејблејзерс“ реализираше 21. Ланскиот шампион на западната конференција, Сан Антонио во годинашново финале ќе игра против поуспешниот од дуелот Оклахома – Клиперс во којшто „Тандерс“ имаат предност од 3:2. Шестиот натпревар во ноќта што претстои ќе се одигра во Лос Анџелес.
