Висок ризик од мини додека жителите бегаат од Херсон поради поплавите
Експертите предупредуваат дека мините исфрлени во поплавата се сериозна опасност бидејќи постои закана дека ќе експлодираат доколку се удрат во нешто...

Регистрирани првите жртви од поплавите во Херсон. „Пробивањето на голема брана во јужна Украина ќе има катастрофален ефект врз лоцирањето на нагазни мини“ – предупреди Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Експертите предупредуваат дека мините кои се исфрлени во поплавата се сериозна опасност бидејќи постои закана дека ќе експлодираат доколку се удрат во нешто.
Москва и Киев продолжуваат да се обвинуваат меѓусебно за уривањето на браната Каховка која ги снабдува со вода Крим и нуклеарната централа во Запорожје.
„Ситуацијата во окупираниот дел од Херсонскиот регион е катастрофална. Окупаторите ги оставија луѓето во ужасни услови, без спас, вода, да седат на покривите на куќите во поплавените области. Ова е криминал со предумисла од Русија“, изјави украинскиот претседател Володомир Зеленски.
„Ова е намерна саботажа на режимот од Киев. Сакам да нагласам дека нашите власти водат истрага, отворен е криминален случај и ќе бидат дадени сите потребни детали за инцидентот“, изјави Марија Захарова, портпарол на руското МНР.
Илјадници луѓе веќе се евакуирани од делови на регионот Херсон.
