Висок ризик од мини додека жителите бегаат од Херсон поради поплавите
Додека жителите бегаат од Херсон поради поплавите, изложени се на висок ризик од мини. Регистрирани првите жртви. Илјадници луѓе веќе се евакуирани. Москва и Киев продолжуваат да се обвинуваат меѓусебно за уривањето на браната. Меѓународната агенција за атомска енергија следната недела ќе го зголеми своето присуство во нуклеарната централа Запорожје…

Регистрирани првите жртви од поплавите во Херсон. „Пробивањето на голема брана во јужна Украина ќе има катастрофален ефект врз лоцирањето на нагазни мини“-предупреди Меѓународниот комитет на Црвениот крст. Експертите објаснија дека мините исфрлени во поплавата се сериозна опасност, бидејќи постои закана дека ќе експлодираат доколку се удрат во нешто. Илјадници луѓе веќе се евакуирани.
„Водата почна да се зголемува вчера. Продолжи и денеска. Не сакав да верувам дека ќе достигне толку високо ниво.“
„Ова ни е пишано, Русите ни го прават ова без да нè жалат, особено на мирните луѓе. Не можат ништо против војската, но можат против цивилите. Ние не можеме да им возвратиме, немаме оружје да се браниме.“
„Водата надоаѓаше бавно, но после се засили. Сè се случи многу брзо. Си ги собрав работите, се обидов да спасам нешто. Но освен телевизорот, не спасив ништо друго. И, се разбира, кучето.“
Москва и Киев продолжуваат да се обвинуваат меѓусебно за уривањето на браната Каховка која ги снабдува со вода Крим и нуклеарната централа во Запорожје. Турција побара истрага. Претседателот на Украина Зеленски во посета на погодените региони.
„Меѓународните организации, како Меѓународниот комитет на Црвениот крст мора да се вклучат веднаш во спасувачката операција и да им помогнат на луѓето во окупираниот дел од херсонскиот регион. Секое лице што ќе почине таму е пресуда за постоечката меѓународна архитектура и меѓународните организации кои заборавиле како да спасат животи. Ако не дојдат сега во погодените подрачја, тоа значи дека не постојат и дека се неспособни“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Меѓународната агенција за атомска енергија следната недела ќе го зголеми своето присуство во нуклеарната централа Запорожје. Нов, поголем тим ќе ја замени групата која моментално се наоѓа во нуклеарката во јужна Украина. Во посета на една од десетте најголеми вакви централи во светот доаѓа и директорот Рафаел Гроси.
Маја С. Филдишев
