Кумановските археолози открија палата слична на градбите во Пела и Вергина
Во североистокот откриена палата слична на античките македонски центри во Пела, Вергина и Олинт. Кумановските археолози веќе неколку години го истражуваат локалитетот Градиште во Младо Нагоричане. Откриените движни наоди, но пред сè архитектурата, велат ја потврдуваат тесната врска со југот, како и влијанието на македонското кралство и во овој регион. Министерството за култура годинава за истражувањата одвои само 150.000 денари...

Резиденцијален објект, палата од крајот на четвртиот и почетокот на третиот век пред нашата ера, слична на градбите од античките македонски центри во Пела, Вергина и Олинт, открија кумановските археолози при истражувањето на локалитетот Градиште во село Младо Нагоричане. Со откриените движни наоди, керамика, накит, но пред сè архитектура, се потврдува влијанието и присуството на елементите од македонското кралство по смртта на Александар Трети, велат од кумановскиот музеј.
„Имаме среќа сосема на север во регионот на Куманово да најдеме остатоци од такво нешто и да ги смениме досегашните учења на нашата историја за цивилизацискиот развој на овој дел од Балканот. Со овој објект се ставаме во тесна врска со цивилизацијата која се развивала во денешните региони на Гевгелија, Валандово, охридско, а веќе ја нема во територијата на јужна Србија, што зборува дека можеби до тука била таа граница на македонската античка држава“, истакна Дејан Ѓорѓиевски, археолог, раководител на истражување.
Кумановскиот музеј ја поседува единствената колекција на јонски капители. Документирани се и внатрешни бедеми, бронзени декорации на вратите, ѕидови слични на оние од некогашните македонски центри, како и делови од канал за одвод за вода.
„Овие наоди сведочат дека постоела тесна поврзаност помеѓу овој регион со развиените медитерански центри. Постоел некој антички град, со непознато име, имал свои владетели но биле поврзани со македонското кралство на југот“, нагласи Марија Миљуш Божурска, в.д директор Музеј Куманово.
Локалитетот Градиште во Младо Нагоричане започна интензивно да се истражува од 2014-та година, на иницијатива на Управата за заштита на културно наследство. Кумановскиот музеј со својот тим археолози самостојно започна да работи од 2018-та година. Министерството за култура годинава одвои само 150.000 денари за истражувањата.
Елена Георгиевска
