Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик пред Комисијата за култура
Состојбата со употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е алармантна. Во Собраниската комисија за култура почна дебатата за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик. Предлагач на законот е Министерството за култура. И власта и опозицијата оптимисти дека ќе се дојде до решение за поголема заштита на македонскиот јазик...

Алармантна е состојбата на употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, оцени министерката за култура Стојчевска. Иако Законот за употребата на македонскиот јазик има позитивни ефекти во подигнувањето на јазичната култура и државата, во практика се повеќе се забележува непочитување и негрижа за македонскиот јазик. Според неа, нестручно се лекторираат текстови и се занемаруваат правописните норми. Најмногу неправилности има во говорниот израз, особено кај новинарите, спикерите, презентерите и актерите.
Професорката Силјановска – Давкова е оптимист дека, Kомисијата за култура ќе дојде до решение што ќе го заштити македонскиот јазик, бидејќи таква заштита според неа досега немал.
Според пратеничката на СДСМ Жаклина Лазаревска, има многу неправилности во користењето на стандардизираниот македонски јазик и затоа е потребно донесување на законот за употреба на јазиците.
Јазикот е наш темел и израз на нашиот идентитет, затоа секој стручен влог во донесување на правната рамка за негова употреба и чување на неговите посебности е драгоцен придонес за нас и нашата државност, рече министерката Стојчевска.
Александра Спировска
